
Европската комисија има намера да ги тргне Обединетите Арапски Емирати од списокот на ЕУ на држави со висок ризик за перење пари и финансирање тероризам, наведуваат извори во ЕК.
Оваа објава доаѓа откако ЕУ и ОАЕ во април годинава постигнаа договор да започнат преговори за договор за слободна трговија.
ЕК предложи бришење на ОАЕ од листата уште лани, откако претходно, во февруари минатата година, и меѓународната организација за борба против перење пари, Работната група за финансиска акција (ФАТФ), ја избриша државата од својот список на ризични држави, но Европскиот парламент тогаш ја одби оваа иницијатива.
Според изворите во ЕК, сега се проценува дека судството и агенциите за спроведување на законот во ОАЕ имаат постигнато напредок во соработката со ЕУ, како и дека внимателно ја следат состојбата.
ОАЕ беа вклучени во списокот на ЕУ на земји со висок ризик за перење пари и финансирање тероризам во март 2023 година, поради „стратешки недостатоци“ во системот за борба против перење пари и финансирање на терористички групи и активности.
Вклучувањето во овој список подразбира воведување на финансиски надзор од страна на институциите на ЕУ, зголемување на веројатноста за финансиска изолација и поголема изложеност на меѓународен притисок.
На списокот на ЕУ на држави со висок ризик за перење пари и финансирање тероризам во моментов се наоѓаат 22 земји, меѓу кои и Барбадос, Виетнам, Гибралтар, Јамајка, Јужна Африка, Нигерија, Панама, Сенегал, Уганда и Филипини.
Според изворите во ЕК се предлага и натамошно проширување на листата со додавање на Алжир, Ангола, Брегот на Слоновата Коска, Венецуела, Кенија, Лаос, Либан, Монако, Намибија и Непал.
Обединетите Арапски Емирати се федерална држава во источниот дел на Арапскиот Полуостров составена од седум федерални единици, од кои најпознати се Абу Даби и Дубаи.