ЕУ воведува квоти за увоз и царини за челик по слични потези од САД и Канада

Европската Унија (ЕУ) ќе ги следи САД и Канада во мерките за ограничување на увозот на челик, првенствено евтин челик од Кина, со намалување на квотите за увоз и зголемување на царините.

Европскиот комесар за индустрија Стефан Сежурне на состанок со водечки луѓе од бизнис секторот објави дека царините ќе бидат значително зголемени, можеби до ниво од 50 проценти, во согласност со она што го направија Американците и Канаѓаните.

Тој, исто така, објави дека квотите за увоз ќе бидат речиси преполовени, според извори запознаени со содржината на состанокот.

ЕУ се надева дека овој потег ќе ја задоволи и Белата куќа, бидејќи го намалува количеството кинески челик на глобалниот пазар, што може да доведе до пониски американски тарифи во тој сегмент за ЕУ, проценува „Фајненшл тајмс“.

Но, во исто време, некои земји од ЕУ и индустриски сектори, како што се производителите на автомобили, предупредуваат дека запирањето на евтиниот увоз може да доведе до зголемување на цените.

САД воведоа царина од 50 проценти за увоз на челик како дел од напорите за реиндустријализација на земјата.

Канада, од друга страна, го ограничи увозот на челик за земјите со кои нема трговски договор, а за партнери како ЕУ, воведе царина од 50 проценти само над одредени квоти.

Според информации од кругови на Европската комисија, ЕУ ќе воведе квоти за увоз на ниво од околу половина од минатогодишниот увоз. Одлуката се очекува следната недела.

Сежурне истакна дека новата регулатива нема да биде временски ограничена како што е случајот со сегашниот тарифен режим од 25 проценти, кој требаше да истече кон средината на следната година.

„Одбиваме да бидеме отворени без ограничувања за прекумерните капацитети на другите. Одбиваме да прифатиме дампинг цени како последица на високите субвенции“, изјави европскиот комесар.

Новиот режим за челик ќе бара поддршка од Европскиот парламент и квалификувано мнозинство од земјите-членки.

Франција и уште 10 земји побараа таков нов режим за челик, но во некои земји постои загриженост дека тоа би можело да ѝ наштети на конкурентноста на оние што произведуваат челични производи, велат тие.

Здружението на европски производители на автомобили ACEA побара мерката да биде привремена и отворена за преглед.

Сежурне, од друга страна, побара поддршка за надминување на интересите на малцинството што ќе се обиде да ги спречи новите мерки.

Европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ веќе започна разговори со Вашингтон за намалување на царините за челик, а трговскиот службеник во поранешната администрација на американскиот претседател Доналд Трамп, Пејн Грифин, изјави дека ЕУ треба да ги убеди САД дека не е транзитна станица за кинески челик.

Минатата година, ЕУ увезе 28 милиони тони челик, што е четвртина од вкупната количина продадена на пазарот на ЕУ.

Овој индустриски сектор во ЕУ изгуби 90 илјади работни места од 2008 година, а само минатата година беа скратени 18 илјади работни места.

Фото: Pixabay