ЕУ замрзна руски имот вреден 17 милијарди евра

78

Како дел од пакетот санкции против Русија, Европската унија замрзна повеќе од 17 милијарди евра руски имот, објави европскиот комесар за правда Дидие Рејндерс. ЕУ усвои осум пакети санкции од почетокот на руската агресија врз Украина пред осум месеци.
„Досега е замрзнат имотот на 90 лица, повеќе од 17 милијарди во седум земји-членки, од кои 2,2 милијарди во Германија“, изјави Рејндерс за неколку германски весници, кои се дел од медиумската групација „Функе“.

Поточно, украинските политичари постојано бараа замрзнатите средства да се користат за обнова на земјата по војната. „Ако се работи за пари кои потекнуваат од криминални претпријатија запленети од ЕУ, тие може да се насочат кон компензацискиот фонд за Украина. Сепак, таа сума во никој случај нема да биде доволна за финансирање на реконструкцијата“, коментира Рејндерс.

Како дел од санкциите на Западот, беа замрзнати 300 милијарди евра од девизните резерви на руската централна банка, рече Рејндерс, кој смета дека тие 300 милијарди можат да се задржат барем како гаранција додека Русија доброволно не учествува во обновата на Украина.

Рејндерс одделно изјави за весникот Хамбургер Абендблат дека е „прилично сигурен“ дека првите судења за воени злосторства на руските осомничени во Меѓународниот кривичен суд ќе започнат оваа година.