Евроинс осигурување е првата осигурителна компанија во Македонија која воведе можност за уплата на осигурување преку терминали за наплата, во случајов преку мрежата на терминали на PayNet Македонија. Со ова корисниците некои од производите на Евроинс ќе може да ги платат директно на терминалите и да се поштедат од дополнителни обврски.
„Соработката на Евроинс Осигурување со PayNet Македонија соодветствува со нашата политика да станеме подостапни на пазарот и да се прилагодиме на потребите на нашите клиенти. Евроинс за прв пат во Македонија воведува плаќање на полиси преку терминал и со тоа уште еднаш ја покажува својата иновативност. Притоа, секогаш се трудиме на клиентите да им понудиме и дополнителен квалитет. Соработката со PayNet е во насока на модернизирање во функционирањето на компанијата, олеснување и поедноставување на целиот систем, кој првенствено е насочен кон задоволување на потребите на клиентите“, изјави Јанко Николов, извршен директор на Евроинс.
Евроинс својата иновативност на пазарот за осигурување ја покажа уште пред повеќе од три години, со воведувањето на Еврокаско осигурувањето за 300 денари годишно, како и пред една година со производот Евродом – за 990 денари за период од една година.
“Најновата понуда што ја нудиме на граѓаните е брзо и едноставно до осигурување, преку терминалите на PayNet Македонија. Осигурувањето може да се уплати преку овие терминали во готовина, но и со опција за безготовинско плаќање. Во двата случаи корисниците нема да бидат оптоварени со дополнителни провизии. На терминалите на PayNet Македонија ќе биде истакнато логото на Евроинс Осигурување, со што ќе биде означено дека услугата е достапна и оперативна”, дополни г-дин Николов.
PayNet е глобално прифатен, безбеден и современ систем за брза и ефикасна наплата на сметки преку платежен терминал. Мрежата на терминали на PayNet Македонија веќе е инсталирана во централните градски подрачја во Скопје и системот функционира 24 часа дневно, 365 дена во годината.
„Задоволство ни е да најавиме целосно нов и иновативен вид на услуга, која сега е достапна за македонските граѓани, преку Евроинс и PayNet. Ви претставуваме лесен, практичен и сигурен начин да обезбедите патничко осигурување. Сега, како дополнување на плаќањата за режиски трошоци, мобилни телефони, даноци и интернет, македонските граѓани може лесно да обезбедат полиси за патничко осигурување 24 часа, 7 дена во неделата, користејќи готовина или кредитни картички, преку растечката мрежа на платежни терминали на PayNet, или пак преку електронскиот паричник. Нашите платежни терминали се стратешки лоцирани во најпосетените малопродажни ланци во Скопје. Од друга страна, со PayNet електронскиот паричник, сите плаќања се оддалечени со само четири кликови на вашиот смартфон или компјутер. Задоволство ни е што Евроинс продолжува да ја поддржува иновативноста на осигурителниот пазар и остварува соработка со PayNet, со цел да развие дополнителни производи кои наскоро ќе бидат достапни на пазарот“, изјави Темирмалик Шомансуров, генерален директор на PayNet Македонија.