Соочен со економската криза на која не и се гледа крајот, Брисел ќе одобри наплаќање на трансакции на валути, обврзници и акции во банките и финансиските институции.
Таканаречениот робинхудовски данок би можел да собере значајни средства. И покрај противењето на некои земји, Европската комисија ќе одобри воведување данок на финансиски трансакции, јавува ХРТ.
“Станува збор за праведност. Теретот на кризата мораат да го сносат сите, а не само граѓаните”, изјави претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо. “Комисијата ќе ги одобри барањата на 10 земји членки за поединечна соработка. Ова ќе биде прв чекор во тој процес. До крајот на годината ќе претставиме акциски план против затајување и избегнување плаќање данок, вклучувајќи ги даночните оази“, нагласи Баросо.
Данок на финансиски трансакции ќе воведат Германија, Франција, Италија, Шпанија, Австрија, Белгија, Грција, Португалија, Словечка и Словенија.
Брисел проценува дека ширењето на данок на трансакции во сите земји на Унијата би можело да донесе околу 60 милијарди годишно.