Eвропска економија изненади со својот економски раст

89

Холандската економија неочекувано скокна за 2,6 отсто во вториот квартал од 2022 година во споредба со претходните три месеци, благодарение на експлозивниот раст на потрошувачката на домаќинствата и покрај високата инфлација и зголемените корпоративни инвестиции.

Силната експанзија ги изненади економистите кои очекуваа растот да остане на приближно истото ниво од 0,5 отсто како во првиот квартал, пишува Ројтерс.

– Овие податоци укажуваат дека, и покрај неодамнешната загриженост, рецесија сè уште не е на повидок – изјави главниот економист за статистика на Холандија, Питер Хан ван Мулихен, како што пренесуваат агенциите.

Засилена од силниот пазар на труд и рекордно ниската невработеност, холандската економија се претстави значително подобро од другите членки на еврозоната за време на кризата со Ковид-19. Денешната бројка е повторно многу посилна од просечниот раст на еврозоната од 0,6 отсто во вториот квартал од 2022 година.

Ван Мулихен рече дека најголемиот проблем во земјата е недостигот на работна сила, при што пазарот на труд е позатегнат од кога било во вториот квартал.

Бројот на слободни работни места во Холандија го надмина бројот на луѓе кои бараат работа повеќе од една година, а вработеноста продолжи да расте, особено во секторите здравство, образование и рекреација.

Економскиот раст на Холандија, петтата по големина економија во еврозоната, изнесува 5,3 отсто на годишна основа во периодот април-јуни.

Трошоците на домаќинствата скокнаа за 7,0 отсто во споредба со вториот квартал од 2021 година, и покрај тоа што инфлацијата се зголеми на околу 9,0 отсто.

Инвестициите во вториот квартал беа за 5,0 отсто повисоки од претходната година, при што пазарот на станови продолжи да расте, а компаниите трошат многу повеќе за нови машини, софтвер и деловни згради, додека извозот порасна за речиси 6,0 отсто.