
Португалската агенција за заштита на животната средина го одобри отворањето на голем рудник за литиум на северот на земјата, што би можело да го зголеми производството на електрични автомобили во Европа.
Сопственикот на идниот рудник, Savannah Resources, веќе ја поздрави одлуката. Станува збор за британска компанија, која доби одобрение за проектот уште во 2021 година, но мораше да направи некои измени во плановите.
Португалската агенција за животна средина сега објави дека го одобрила барањето, а Savannah Resources се надева дека ќе го добие конечното зелено светло за проектот за рудникот до 2024 година.
Британските сопственици, сепак, ќе мора да се усогласат со низа мерки, како што се ограниченото отстранување на вегетацијата од областа на проектот, забраната за пумпање вода од блиската река и уредување по завршувањето на ископувањето на литиум, објави Сеебиз.
Исто така, треба да подготват и „социјално-економски компензациски пакет“ за општините каде што ќе се наоѓа рудникот.
На екстракцијата на литиум се противат португалските екологисти и локалната заедница во селото Ковас до Баросо, кое е класифицирано како заштитено подрачје поради неговото земјоделско наследство.
Пред сè бараат поголема транспарентност и построга регулатива од надлежните.
Северот на Португалија, инаку, се смета за една од најбогатите области со литиум на Стариот континент, а оваа европска земја во моментов е најголем производител. Но, литиумот се продава исклучиво на керамичката индустрија.











