
Управниот совет на Европската централна банка (ЕЦБ) денес, на последната седница за годината, одлучи да ги задржи трите клучни каматни стапки непроменети, исто како и на претходните три состаноци – во јули, септември и октомври.
Овој период на непромена на каматните стапки следеше по четири последователни олабавувања на монетарната политика од почетокот на 2025 година.
Најновата проценка потврдува дека инфлацијата треба да се стабилизира на целното ниво од два проценти на среден рок.
Според новите макроекономски проекции на експертите од Евросистемот, вкупната инфлација ќе изнесува во просек 2,1 процент во 2025 година, 1,9 проценти во 2026 година, потоа 1,8 проценти во 2027 година и два проценти во 2028 година. Кога станува збор за базичната инфлација, без енергијата и храната, експертите предвидуваат просечна стапка од 2,4 проценти во 2025 година, 2,2 проценти во 2026 година, 1,9 проценти во 2027 година и два проценти во 2028 година.
Инфлацијата за 2026 година е ревидирана нагоре првенствено затоа што експертите сега очекуваат побавен пад на инфлацијата на цените на услугите. Во споредба со проекциите од септември, се очекува економскиот раст да биде посилен, за што првенствено ќе придонесе домашната побарувачка.
Растот е ревидиран нагоре на 1,4 проценти во 2025 година, потоа на 1,2 проценти во 2026 година и 1,4 проценти во 2027 и 2028 година.
Управниот совет цврсто се залага за стабилизација на инфлацијата на целното ниво од два проценти на среден рок. При утврдувањето на соодветната позиција на монетарната политика на секој состанок, ќе го применува претходниот пристап базиран на податоци.
„Имено, одлуките на Управниот совет за каматните стапки ќе зависат од неговата проценка на инфлациските перспективи и поврзаните ризици, врз основа на нови економски и финансиски податоци, како и динамиката на базната инфлација и силата на преносот на монетарната политика. Управниот совет не одлучува однапред за одредена динамика на промените на каматните стапки“, се вели во соопштението по состанокот на Европската централна банка.











