Европската комисија објави листа на лекови од критично значење за ЕУ

49

Европската комисија денеска ја објави првата листа на есенцијални лекови во Европската унија.

Списокот е важен дел од напорите на Брисел, во рамките на Европската здравствена унија, да им обезбеди на пациентите потребните лекови преку обезбедување на снабдување со клучни лекови и спречување на недостиг, според Ројтерс.

Списокот, направен во соработка со Европската агенција за лекови (ЕМА) и Мрежата на раководители на агенциите за лекови на земјите-членки на ЕУ (ХМА), е дел од пошироките измени на законот, кои го регулираат пазарот од 136 милијарди евра на ЕУ фармацевтската индустрија.

Тоа е најголемата ревизија на постоечките медицински закони во последните две децении, според Ројтерс.

„Вклучувањето на оваа листа не е показател дека лекот ќе доживее недостиг во блиска иднина. Напротив, тоа ја означува критичната важност за спречување на недостиг на такви специфични лекови“, соопшти Комисијата.

Списокот, објавен од Европската агенција за лекови, вклучува широк спектар на есенцијални, генерички лекови од основни антибиотици како што е амоксицилин, лекови против болки  и инсулин што се користат за лекување на дијабетес.

На списокот, меѓу другото, се и некои вакцини против сипаници, хепатитис Б и тетанус, наведува Ројтерс.

Комисијата најави дека оваа листа ќе се објавува етапно и дека во 2024 година списокот ќе продолжи и ќе се прошири на други одобрени лекови во ЕУ кои моментално не се вклучени во првата верзија.