Европската комисија одобри до 34,5 милијарди евра државна помош за Uniper

61

Европската комисија ѝ дозволи на германската влада да плати до 34,5 милијарди евра помош за увозникот на гас „Унипер“, како дел од планот за национализација на компанијата, објави во средата Брисел.
Минатата недела Комисијата одобри национализација на компанијата, а финансиската поддршка ќе го отвори патот за остварување на таа цел.

На вонредното собрание во понеделникот акционерите дадоа согласност за мерките за стабилизација договорени со германската влада и претходниот мнозински акционер, финскиот Фортум.

Со финансиска поддршка, Uniper ќе се одржи во живот, ќе му се овозможи да продолжи да ги снабдува клиентите и да избегне сериозни нарушувања на германскиот пазар на гас.

Германската влада планира докапитализација за осум милијарди евра, објави Европската комисија. До 2024 година се планира натамошна поддршка на Унипер до 26,5 милијарди евра.

Унипер падна во сериозни тешкотии поради прекинот на испораките на руски гас. Компанијата мораше да го замени рускиот гас со поскап гас од други земји, обидувајќи се да ги исполни своите договори.