Европската унија лани увезла 163.700 тони мед за 359,3 милиони евра -Медот во ЕУ главно доаѓа од Кина

39

Лани земјите од Европската унија увезле 163.700 тони мед од земји надвор од ЕУ, со вкупна вредност од 359,3 милиони евра, објави денеска Евростат.

Во истиот период земјите од ЕУ извезле само 24.900 тони мед во земји надвор од Европската унија, а вредноста на овој извоз е 146 милиони евра.

Минатата година Европската унија увезе 60.200 тони мед од Кина, што претставува 37 отсто од вкупниот увоз на мед од земји надвор од ЕУ.

Извештајот на Евростат е објавен по повод Светскиот ден на пчелите, кој се одбележува денеска, 20 мај.

Медот во ЕУ главно доаѓа од Кина
Во 2023 година медот во земјите на Европската унија главно доаѓал од Кина (од таа земја биле увезени 60.200 тони мед, што е 37 отсто од вкупниот мед увезен од земји кои не се членки на ЕУ), а потоа од Украина (45.800 тони или 28 отсто од од вкупниот увоз), Аргентина (20.400 тони), Мексико (10.700 тони) и Куба (4.700 тони, 3 отсто).

Од земјите на ЕУ, Германија беше најголем увозник бидејќи во 2023 година увезла 41.000 тони мед од земји кои не се членки (што е 25 отсто од вкупниот увоз на мед во ЕУ).

Вториот најголем увозник беше Белгија (31.400 тони, 19 отсто од вкупниот увоз), потоа Полска (23.300 тони), Шпанија (15.700 тони) и Франција (7.700 тони).

Од друга страна, најмногу мед од ЕУ е извезен во Велика Британија (4.300 тони или 17 отсто од вкупниот извоз на мед од ЕУ отишле во таа земја).

Следат Саудиска Арабија, каде се извезени 3.500 тони мед, Швајцарија (3.400 тони), Соединетите Американски Држави (3.300 тони) и Јапонија (2.500 тони).

Шпанија стана најголемиот извозник на мед во ЕУ, испраќајќи 7.100 тони во земјите надвор од ЕУ.

Следува Германија која извезла 5.500 тони мед, Романија која извезла 1.700 тони, Унгарија (1.600 тони) и Грција (1.500 тони).