Европски синдикати: Работниците не можат повеќе да ги плаќаат сметките за енергија

73

Европската конфедерација на синдикати предупреди дека во повеќето земји членки на ЕУ голем број работници треба да дадат цела плата за да ги покријат трошоците за енергија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во просек, слабо платените работници во ЕУ треба да платат повеќе од нивната месечна плата за да ги покријат сметките за енергија, покажа последната анализа на Европската конфедерација на синдикати. Во четири земји на ЕУ сметките за енергија се поскапи од просечната плата: Грција, Словачка, Чешка и Италија.

Анализата покажала дека околу 9.5 милиони работници веќе пред кризата имале тешкотии да ги покријат фактурите за струја и гас, но со покачувањето на цената на гасот за 38 отсто ва лето, ситуацијата дополнително е влошена.

Во 16 земји членки на ЕУ, работниците со минимална плата мораат да издвојат цела плата само за да платат за светло и греење дома. Во 2021 ова било случај само во осум земји на ЕУ.

– Кризата со која се соочени работниците е сега уште полоша и се влошува уште поради дополнителното поскапување на енергијата и другите потреби како храна – предупредија европските синдикати.