Европските министри за здравство се за забрана на цигарите со вкус на ментол

21

mentolМинистрите за здравство во Европската унија се согласија да се забранат цигарите со вкус на ментол како дел од стратегијата за намалување на бројот на пушачи кај помладата популација.

“Верувам дека ова е исклучително важен чекор затоа што може да ја спречи следната генерација да стане зависна од никотин”, изјави ирскиот министер за здравство Џејмс Рајли на состанокот во Луксембург.

Министрите се согласни освен оние со вкус на ментол, да се забранат и цигарите со вкус на чоколада и овошје.

Министрите се договорија најмалку 65% од површината на пакувањата на цигарите да бидат задолжително покриени со предупредувања дека пушењето е штетно по здравјето и застрашувачки слики, иако предлогот на Европската комисија се однесуваше на 75% од пакувањето. Но, земјите членки имаат слобода по сопствен избор да стават и поголеми предупредувања. Слични предупредувања би можеле да се најдат и на електронските цигари, хербалните продукти за пушење и било каков друг производ од тутун што ќе се најде на пазарот откако директивата ќе стапи на сила. И покрај тоа што имаше предлози за забрана на тенките (слим) цигари, тие сепак ќе останат во продажба.

Предложениот закон во јули ќе оди пред Европскиот парламент на гласање, а доколку пратениците го одобрат, ќе почне да се применува во следните три години.

Министрите за здравство ги поддржаа овие планови и покрај противењето на некои земји членки дека тоа ќе има негативни економски последици.