Во отвореното писмо до лидерите на Европската унија (ЕУ), Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA) истакна дека Европа треба да се стреми да одржува добри трговски односи со САД и Кина.
Писмото доаѓа откако новиот американски претседател Доналд Трамп ја презема функцијата. Познато е дека тој најави воведување царини за производите од големите трговски партнери, што важи и за ЕУ.
Европските производители, вклучително и гигантите како Мерцедес и БМВ, веруваат дека Европската комисија треба да постигне „голем договор“ со Трамп за заштита на европската автомобилска индустрија.
Тие го повикуваат Брисел да направи сè што е можно за да се осигура дека трговијата со САД и Кина ќе остане што е можно поотворена.
ACEA смета дека двата пазари се клучни за успехот на европската автомобилска индустрија.
Членовите на ACEA вклучуваат, меѓу другите, Renault, Opel, Volkswagen, Jaguar Land Rover и Ford of Europe.
АЦЕА има новоизбран претседател, извршниот директор на Мерцедес Ола Калениус.
Според неговите зборови, постигнувањето рамноправни услови за игра во однос на Кина не треба да биде на сметка на одамна воспоставените и функционални пазарни синџири.
„Наместо да се подигаат ѕидови, европскиот внатрешен пазар треба да се зајакне, да се направи поотпорен. И двата региони, ЕУ и Кина, сакаат да ги заштитат работните места на нивните домашни пазари додека ги уживаат придобивките од слободната меѓународна трговија. Во таа смисла, двете страни се заинтересирани за изнаоѓање договор. Затоа ги поздравуваме напорите за изнаоѓање заемно прифатливо решение за европски одговор против субвенциите. „Овие преговори мора да резултираат со позитивен исход што е можно поскоро“, ја цитира Еуроњуз изјавата на Келениус.
Тој посочи дека трговските војни немаат победници и дека протекционистичките мерки не се секогаш најдобриот лек.
Европската автомобилска индустрија е во неволја поради конкуренцијата од Кина, чии производи се поевтини и нудат повеќе вклучени карактеристики, а тоа е последица и на добивањето субвенции.
Неколку германски производители, како што се BMW, Volkswagen, Audi и Mercedes, исто така имаат погони во Кина, а германската автомобилска индустрија се спротивстави на европските царини.