Европските производители на метал бараат ограничувања на извозот

Производителите на метал во Европската Унија лобираат за воведување ограничувања на извозот или царини за извоз на старо железо во наредните недели за да го спречат наглото зголемување на нивниот извоз во Соединетите Американски Држави – предизвикано од трговските политики на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Одлуката на Трамп да воведе царина од 50% за увезениот челик и алуминиум ја зголеми побарувачката, но и цената, за старо железо што се извезува без царина, објави Ројтерс. Алуминиумската индустрија бара од ЕУ да воведе механизми за контрола на извозот, слични на оние што се користеа за време на пандемијата кога беше потребно одобрение за извоз на заштитна опрема и вакцини. Извозните давачки се друга опција.

Рециклирањето е клучно за намалување на емисиите на CO₂, бидејќи заштедува до 95% енергија во производството на алуминиум и 80% во производството на челик, според податоците од Европската комисија. Извозот на отпад од ЕУ во САД речиси се зголемил за трипати во првите три месеци од 2025 година, предупредува Europe Aluminum Group (која ги вклучува Alcoa, Befesa и AMAG). Вкупниот извоз на алуминиумски отпад од ЕУ во првиот квартал изнесуваше 345.000 тони. Додека САД го задржуваат својот отпад, ЕУ останува главен светски извозник.

Проблемите со извозот постоеја дури и пред американските царини. Само во 2023 година, рекордни 19 милиони тони отпад од железо беа извезени од ЕУ, главно во Турција, но и во Индија, Египет, Пакистан и САД. ЕУ генерално се спротивставува на ограничувањето на извозот, освен во случаи на пандемии, оружје и производи со воен потенцијал. Европската комисија моментално ја проценува ситуацијата и објави дека во третиот квартал ќе одлучи дали е потребна трговска мерка за челик, алуминиум и бакар.

Од друга страна, индустријата за рециклирање се спротивставува на ограничувањата. Здружението EuRIC тврди дека нема недостиг од отпад во Европа, бидејќи индустријата користи околу 80% од вкупната понуда. Поради царините, американските производители се мотивирани да купуваат што е можно повеќе отпад дома и во странство. Разликата во цената помеѓу двата пазара достигна 750 американски долари по тон.

Фото: Pixabay