Евростат: На Европјаните сè потешко им е да врзат крај со крај

26

Сè повеќе Европејци сè потешко врзуваат крај со крај поради растот на цените, покажуваат податоците во објавениот извештај на Европската агенција за статистика.

Уделот на граѓани кои имаат потешкотии да ги покријат основните трошоци се зголемил во вториот квартал во однос на претходните три месеци во осум од 10-те земји на ЕУ вклучени во истражувањето, објави Евростат. Намален е само во Словенија и Финска.

Податоци до Евростат доставиле Белгија, Бугарија, Ирска, Франција, Италија, Луксембург, Австрија, Словенија, Словачка и Финска.

Според податоците со кои располага Евростат, најтешко било во вториот квартал во Бугарија, каде дури 39,8 отсто од испитаниците многу тешко или тешко врзувале крај со крај.

Словачка, Италија и Франција се исто така вклучени во групата земји со повеќе од 20 отсто од испитаниците кои тешко ги покриваат основните трошоци.

Нивниот удел е најмал во Финска, каде што изнесува 11 проценти. Истражувањето покажа и дека дури 40,5 отсто од Финците многу лесно или лесно ги покриваат основните трошоци. Следуваат Австрија и Франција, каде нешто помалку од четвртина од испитаниците немале проблеми со финансирањето на основните потреби.

Нивниот удел е најмал во Бугарија, каде што само нешто повеќе од три проценти од испитаниците рекле дека многу лесно или лесно ги покриваат основните трошоци.

Учеството на жителите во поволна финансиска позиција е помало во девет земји во вториот квартал отколку на почетокот на годината, а во Италија е речиси непроменето.

Мнозинството од испитаниците изјавиле дека нивните приходи се непроменети или дури зголемени во набљудуваниот период, забележува Евростат.