Еврото е најкористената валута за плаќање при извоз, доларот доминира за увоз

Еврото беше најкористената валута за плаќање при извоз надвор од Европската Унија во 2024 година, со учество од 51,7 проценти. По него следуваа доларот со 31,4 проценти, валутите на земјите од ЕУ освен еврото со три проценти и другите валути со 13,4 проценти.

Во 20 од 27-те земји од ЕУ, еврото беше најкористената валута за извоз на стоки надвор од ЕУ минатата година. Најголеми удели беа забележани во Словенија (91,1 проценти), Хрватска (82,8 проценти) и Литванија (75,0 проценти).

Во шест земји од ЕУ, американскиот долар беше најкористената валута за извоз. Меѓу нив, удели над 50 проценти беа забележани во Кипар (69,0 проценти), Ирска (68,9) и Грција (52,7).

Учеството на валутите на ЕУ освен еврото беше особено високо во Шведска (58,7 проценти), Бугарија (25,1 проценти) и Данска (24,0 проценти), првенствено поради употребата на нивната национална валута.

Американскиот долар беше најкористената валута за увоз во 2024 година, со удел од 51,1 проценти, по што следуваше еврото со 39,7 проценти. Валутите на земјите од ЕУ, освен еврото, учествуваа со 1,6 проценти, а другите валути со седум проценти.

Во 2024 година, американскиот долар беше доминантна валута за увоз на стоки од надвор од ЕУ во 18 од 27-те земји на ЕУ. Уделот на американскиот долар во увозот надвор од ЕУ беше највисок во Литванија (65,5 проценти), Холандија (63,8 проценти) и Финска (63,5 проценти).

Во преостанатите девет земји од ЕУ, еврото беше најкористената валута за увоз, со најголем удел во Словенија (82,8 проценти), Латвија (65,2 проценти) и Словачка (65,1 проценти).

Валутите на земјите од ЕУ, освен еврото, достигнаа двоцифрен број во Чешка (23,9 проценти) и Данска (12,3 проценти).

Фото: Pixabay