Еврозоната нема да потоне во длабока рецесија, тврдат економски експерти

32

Во текот на изминатата недела од Германија пристигнаа добри вести. Расположението на инвеститорите во Германија значително се подобрило во ноември, поддржано од надежта дека инфлацијата ќе ослабне во наредните месеци, како што покажале резултатите на истражувачкиот институт „ZEW“.

„Се намалува веројатноста еврозоната да западне во длабока рецесија зимава“, пишува и „Фајненшл тајмс“ (ФТ) откако редакцијата контактирла со голем број економски аналитичари. Повеќето експерти очекуваат намалување на производството во еврозоната во наредните квартали, но падот ќе биде поумерен отколку што претходно се стравуваше.

За подобриот изглед на финансиите на Еврозоната, влијание имаат неколку фактори, од една страна, поголемата фискална поддршка од владите, а од друга страна, пониските цени на бензинот и благата есен. Посебен акцент е ставен на еден од најтоплите октомври досега, кој ја намалил потребата да се троши енергија во домаќинствата и фабриките, како и да се трошат резервите на гас.

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард во петокот изјави дека каматните стапки може да достигнат нивоа што ќе го ограничат економскиот раст со цел да се смири инфлацијата.

Сепак, како што го пренесе Ројтерс предупредувањето на „Европската централна банка“ (ЕЦБ), тргувањето на енергетските компании и со финасиските деривати, претставува ризик за стабилноста на финансискиот систем на еврозоната, а последиците би можеле да ги претрпат и дистрибутерите на енергија. Енергетските компании купуваат и продаваат нафта, гас и електрична енергија, но тргуваат и со финансиски деривати. Токму нивната трговија ја влоши енергетската криза, забележува Ројтерс.

За жал, ако околностите не се променат, односно војната во Украина не се смири, еврозоната, па дури и целата ЕУ би можеле да се соочат со посериозни предизвици следната зима.