На секој пазар постои можност факторингот да се користи и да се имплементира на локално ниво – вклучувајќи и во Македонија, каде што работам како консултант на УСАИД за промоција на факторинг, смета Дејан Барбутовски, директор на A.B.S Factoring во Словенија во интервју за Бизнис Инфо.
БИ: Колку е развиен словенечкиот пазар за факторингот и колкав е интересот кај компаниите за предвремена наплата на своите побарувања?
Словенечкиот пазар е поразвиен од останатите пазари на земјите во поранешна Југославија, меѓутоа не е толку развиен како во Велика Британија, Франција, Германија, Италија и другите пазари во ЕУ. Factors Chain International е меѓународна асоцијација на членови која води глобална статистика на факторинг индустријата, исто така EU Federation for the Factoring and Commercial Finance Industry ја води статистиката на членките во ЕУ.
Факторинг е финансиска услуга којашто во последните 10 години доживеа раст и зголемување на прометот, како кај малите и средни претпријатија, така и во големите компании. Најголемиот интерес се појавува поради зголемување на продажбата на компаниите, целосно осигурување на побарувањата, рамка на континуирано финансирање, предвремено плаќање на обврските со дисконт и поради небанкарското финансирање. Во просек, прометот на факторинг во Словенија изнесува околу 3,5% од бруто домашниот производ (БДП), додека во ЕУ е повеќе од 10%, тоа значи дека факторингот има голем потенцијал на нашите пазари.
БИ: А.B.S. Factoring е дел од германска групација што работи во Австрија, Швајцарија, Шведска и Словенија. Какви се искуствата од овие земји и дали може да се направи компарација со земјите од поранешна Југославија?
A.B.S. Factoring е дел од A.B.S. Групацијата којашто е најголема приватна небанкарска групација во ЕУ. Мора да се напомене дека ние не можеме да се компарираме по обемот со Германија и Австрија, меѓутоа можеме да го преземеме знаењето и продуктите кои се нудат во сите развиени факторинг земји. На секој пазар постои можност факторингот да се користи и да се имплементира на локално ниво – вклучувајќи и во Македонија, каде што работам како консултант на УСАИД за промоција на факторинг.
А.B.S. Групацијата во Словенија во најголем дел, преку 75%, работи извозен факторинг при што купувачи се од ЕУ и од поранешните југословенски простори, а имаме и неколку клиенти кои успешно соработуваат со македонски купувачи. Секој пазар од поранешните југословенски држави има можност преку факторингот да ја зголеми својата интернационализација и да овозможи раст на домашните компании, нови работни места и зголемено присуство на меѓународниот пазар.
БИ: Колку факторингот како алатка може да ја подобри ликвидноста на компанијата?
Факторингот пред сè ја подобрува ликвидноста на компаниите и ја подобрува безбедноста на продажбата. Кога клиентот ќе се одлучи да користи факторинг за повеќе свои купувачи, односно да го нуди целото портфолио за факторинг, неговата ликвидност значително ќе се подобри и како резултат на тоа може да го зголеми своето производство и продажба. Како групација обично не вршиме поединечни откупи (пример само еден клиент кој сака факторинг со еден купувач еднократно), туку сакаме со еден клиент, добавувач, да договориме факторинг за што е можно поголем број на купувачи. Целта е клиентот да е постојано ликвиден и да има 100% наплата на домашните и странските купувачи. Притоа ги следиме стандардите на меѓународната факторинг индустрија и A.B.S Групацијата.
БИ: Какви видови на факторинг нуди вашата компанија, а кој вид е најчесто користен од страна на словенечките фирми?
Ние најчесто го нудиме портфолио факторинг без регрес, како наш главен продукт, додека пак со одредени клиенти работиме и факторинг со само еден купувач или помал број на купувачи. Исто така, нудиме и добавувачки факторинг, каде што во име на клиентот подмируваме обврски кон неговите добавувачи.
БИ: Кои услови треба да ги исполни компанијата за да може користи факторинг?
Нашите клиенти имаат договорени услови на плаќање со своите купувачи од 30 до 120 дена. Не вршиме факторинг со физички лица. Позитивно е кога добавувачот веќе има соработка со купувачот, а кога работиме портфолио факторинг може да вклучиме и нови купувачи. На тој начин создаваме нови можности за продажба на нашите клиенти и можност тие да нудат плаќање на отворено и на нови купувачи, што го бараат и самите купувачи.