Фалсификувани делови за автомобили: Измама опасна по живот

163

На пазарот за автоделови во оптек има се повеќе фалсификати, велат германските производители на возила. Тоа им штети, а може да биде многу опасно за учесниците во сообраќајот.

Кога Лита Сиље Јениш зборува за својата работа, звучи како полициски детектив. Приказна за рации, скриени производствени капацитети, за организиран криминал. Приказна за мрежа на фалсификатори, за луѓе кои го организираат сето тоа, за заплени.

Сепак, Јениш не работи во полиција. Таа е адвокат и работи за Mercedes-Benz.

Таа се занимава со заштита на брендот и се обидува да открие фалсификувани делови на Mercedes и да ги отстрани од пазарот. „Фалсификуваните производи претставуваат значителен ризик за клиентите“, вели Јениш.

Да речеме делови за сопирање со помалку вредни компоненти, што во пракса значи подолго растојание на сопирање. Или сопирачки дискови кои содржат токсични материи како олово или арсен. Ветробранските стакла направени од обично прозорско стакло. Филтри за воздух кои не се направени од огноотпорен материјал. Списокот е долг.

Се повеќе и повеќе фалсификати

Судејќи според податоците од производителите на автомобили, фалсификуваните делови често се откриваат и се повлекуваат од продажба. Volkswagen објави дека лани само за таа марка возило биле запленети лажни делови вредни четиринаесет милиони евра. Тоа е речиси двојно повеќе од една година порано (осум милиони).

Повеќе од 1,86 милиони фалсификувани делови беа откриени во Mercedes во текот на 2021 година како дел од 650 рации на германските власти. Тоа е за шест отсто повеќе отколку во 2020 година.

„Нема што нема“, вели адвокатот Јениш. Понудата вклучува ѕвезди на Mercedes, алуминиумски бандажи, воздушни перничиња, бришачи на шофершајбната, па дури и делови за сопирачки и свеќички за моторот.

Инженерот Томас Шустер од организацијата KÜS, задолжен за технички преглед на возилата, вели дека овој тренд е во пораст. Некои делови, вели, се толку неквалитетни што можат да ја загрозат безбедноста во сообраќајот.

Но, има и делови кои се доволно добри, така да се каже, верни копии на оригиналот – тоа пак предизвикува огромна економска штета на производителите.

Опасност за учесниците во сообраќајот

Фалсификуваните делови често брзо се откриваат при технички преглед на возилото, барем оние кои се видливи на прв поглед. Оригиналните делови или делови кои се „копирани“ со експлицитна дозвола од производителот имаат контролен број на нив. Но, што е со деловите што не се видливи освен ако автомобилот не се распадне?

„Поставени се филтри за воздух, свеќички или дискови за сопирачки, така што не можеме да видиме дали се лажни“, забележува Шустер. Спротивно на тоа, лажните бандажи или светла лесно се забележуваат. Последново е опасно во сообраќајот бидејќи лошите фарови можат да ги заслепуваат возачите од спротивната насока.

Честопати и самите возачи може да се посомневаат дека се измамени.
„Потрошувачите треба да бидат свесни дека во случај на голема разлика во цената во споредба со оригиналните делови, нешто едноставно не е во ред“, вели Шустер.

Автомобилската индустрија вложува големи напори во борбата против фалсификуваните делови. Концернот VW ја зајакна соработката со властите во Германија и во странство.

Mercedes, како што кажува адвокатот Јениш, собира информации, соработува со царината, „копа“ по онлајн продавници и им помага на истражните органи за време на рациите.

Porsche не дава конкретни податоци за фалсификати, но велат дека внимателно следат што се случува на големите платформи како eBay, Amazon или Alibaba, пишува ДВ.