Фармацевтите бараат да се пролонгира Законот за лекови и медицински помагала

20

Групацијата на фармацевтски куќи, веледрогерии, аптеки во Сојузот на стопански комори апелира да се пролонгира имплементацијата на предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за лекови и медицински помагала, кој е од исклучително значење за опстанокот на фармацевтската фела. Според Групацијата, штетите ќе бидат непроценливи ако се донесат измените на Законот за лекови.
Групацијата интензивно одржува состаноци и бара надлежните институции да излезат во пресрет за да не се направат непроценливи штети.
Неопходно е да се даде повеќе време за согледување на состојбите во државата и реалните можности за имплементирање на еден ваков предлог закон. Потребно е пред да се донесе законот, да се формира комисија и сите засегнати страни: Министерството за здравство, Групација на фармацевтски куќи, веледрогерии, аптеки, Фармацевтската комора, Фармацевтскиот факултет активно да работат на изготвување сеопфатна анализа, стои во соопштението.
Од Групацијата на фармацевтски куќи, веледрогерии, аптеки бараат целосно да се изостави членот од Законот со кој правното лице кое врши промет на големо со лекови и правното лице кое врши промет на мало со лекови да не смеат да бидат капитално управувачки или роднински поврзани.
Тие укажуваат дека трето лице не може да дава насоки ниту обврзувачки законски елементи за менување на сопственичката, управувачката или организациската структура на правно лице кое е основано со приватен капитал.
Ваквата законска одредба нема економски ефект за никој, а напротив кај тие фирми, кај кои веќе постои капитална поврзаност со години се инвестирало, преземени се договорни обврски, вклучувајќи и банкарски кредити со домашни и странски банки, банкарски гаранции, кои што зависат и од сопственичката структура. Доколку се реализира тоа постои реална можност стотици вработени да останат без работа, т.е. да се предизвика дополнителен негативен ефект врз економијата во Република Македонија, посочуваат од Групацијата.
Оттаму истакнуваат дека не треба правно лице регистрирано според Законот за трговски друштва, кое врши промет на големо со храна, пијалаци, тутун и нафтени деривати, да врши промет на големо и со лекови.
Во поглед на заштита на граѓаните и нивното здравје се остава простор при издавање лекови од страна на вработените во продавници за храна, пијалоци и тутун или бензински пумпи да се направи грешка при издавање и да се издадат фалсификат лекови, односно да се остави простор за злоупотреба на купените лекови. Фармацевтите сметаат дека инспекциската служба при Бирото за лекови едноставно физички нема да може да ја покрие контролата на теренот на сите продажни места.
Во врска со отворањето аптеки во руралните средини, Групацијата предлага наместо пет организациски единици – аптеки на територијата на Република Македонија, обврска да имаат оние со 15 организациски единици – аптеки да отворат една аптека или аптекарска станица во населено место во рурална средина.