Фармацевтите бараат пролонгирање на Законот за лекови и медицински помагала

20

Пролонгирање на имплементацијата на предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за лекови и медицински помагала побара Групацијата на фармацевтски куќи, веледрогерии, аптеки при Сојузот на стопански комори.

Пролонгирањето на имплементацијата на овој Закон е од исклучително значење за опстанок на фармацевтската фела, стои во барањето, период во кој според нив треба да се формира комисија во која претставници од Министерството за здравство, Групацијата на фармацевтски куќи, веледрогерии, аптеки, Фармацевтската комора и Фармацевтскиот факултет ќе го дефинираат и разгледаат дадениот Предлог Закон.

Една од измените која предизвика бранување во фармацевтската фела предвидува правните лица кои вршат промет на големо и мало со лекови да не смеат да бидат капитално управувачки или роднински поврзани.

„Сметаме дека ова треба да изостане од причина што трето лице не може да дава насоки ниту обврзувачки законски елементи за менување на сопственичката, управувачката или организациската структура на правно лице кое е основано со приватен капитал. Ваквата законска одредба нема економски ефект за никој, а напротив кај тие фирми, кај кои веќе постои капитална поврзаност во истите со години се инвестирало, преземени се договорни обврски, вклучувајќи и банкарски кредити со домашни и странски банки, банкарски гаранции, кои што зависат и од сопственичката структура. Доколку се реализира ова, постои реална можност стотици вработени да останат без работа, односно да предизвикаме дополнителен негативен ефект врз економијата во Република Македонија”, стои во барањето на Групацијата на фармацевтски куќи, веледрогерии, аптеки во ССК.

Фармацевтите сметаат дека лице регистрирано според Законот за трговски друштва, кое врши промет на големо со храна, пијалаци, тутун и нафтени деривати не треба да врши и промет на големо со лекови.
„Со ова се поставува прашањето дали надлежноста на бензинска станица се поистоветува со дејноста на веледрогерии и аптеки. Односно се дава простор на гранки кои имаат друга основна дејност да ја зголемат можноста за заработка на сметка на веледрогериите и аптеките на кои основана дејност им е промет и издавање на лекови”, реагираат од Групацијата на фармацевтски куќи, веледрогерии, аптеки во ССК.

Во барањето на фармацевтската фела стои забелешка и во однос на одлуката во врска со отворањето на аптеки во руралните средини. Од таму предлагаат правните лица со 15 организациони единици – аптеки да имаат обврска да отворат една аптека или аптекарска станица во населено место во рурална средина.