Намалувањето на каматните стапки во Соединетите Американски Држави (САД) во 2025 година во голема мера ќе зависи од постигнувањето на целта за инфлација од два проценти и состојбата на пазарот на трудот. Каматните стапки најверојатно ќе останат во сегашниот опсег и во наредниот период, а можни се натамошни постепени намалувања во зависност од податоците.
Кон крајот на минатата година, ФЕД ја намали својата проценка за бројот на очекувани намалувања на каматните стапки оваа година од четири на две, што укажува на загриженост за инфлацијата. ФЕД не може со сигурност да го предвиди движењето на американската економија во 2025 година, па затоа ќе се прилагоди на најновите податоци.
Американскиот магазин Форбс наведува дека е малку веројатно дека Федералниот комитет за отворен пазар (FOMC) ќе ги намали каматните стапки на состанокот на 29 јануари.
Според алатката CME FedWatch, пазарите во моментов предвидуваат 99,5 отсто шанси каматните стапки да останат на 4,25 до 4,5 отсто. Сепак, можно е намалување на стапката во март или мај, со приближно еднакви шанси таа одлука да биде донесена на еден или на двата состаноци.
Декемврискиот извештај за вработување покажува дека отворањето работни места останува силно. Членот на одборот на Федералните резерви Лиза Кук изјави дека „пазарот на трудот е стабилен, со релативно ниска стапка на невработеност, додека просечните Американци земаат дома плати кои растат побрзо од инфлацијата. Оваа изјава беше дадена неколку дена пред последниот извештај за вработување и во голема мера се покажа како точна.
Силата на пазарот на труд можеби ја намалува итноста за FOMC да ги намали каматните стапки, но декемврискиот индекс на потрошувачки цени (2,9 отсто), објавен во јануари, покажува дека инфлацијата е пониска отколку што некои стравуваа. Ова може да ја поддржи одлуката на FOMC да ги намали стапките во 2025 година, доколку инфлацијата продолжи да се приближува до годишната цел од два проценти.
Јавно достапните податоци покажуваат дека нема потреба да се стимулира американската економија. Иако има одредени притисоци, американската економија е во добра форма, но приоритет на ФЕД е постигнување на целта за инфлација од два проценти – се разбира, притоа внимавајќи на стапката на вработеност.
Еден од факторите што ги комплицира работите се некои од најавените мерки на американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп во четвртокот рече дека сака ФЕД да ги намали каматните стапки.
„Како што паѓаат цените на нафтата, ќе барам веднаш да се намалат каматните стапки, а тие да се намалат низ целиот свет“, рече американскиот претседател во обраќањето на Светскиот економски форум во Давос.
На настанот во Белата куќа по коментарите, Трамп додаде: „Мислам дека ги разбирам каматните стапки подобро од нив, и секако подобро од оној кој е првенствено одговорен за донесување на тие одлуки“, очигледно алудирајќи на претседателот на Федералните резерви Џером Пауел, кого Трамп го назначи на функцијата за време на неговиот прв мандат.
Федералните резерви последен пат го намалија својот целен опсег за краткорочни каматни стапки за четвртина процентен поен на состанокот во декември, на ниво меѓу 4,25 и 4,5 проценти. Во текот на 2024 година, ФЕД ги намали каматните стапки за вкупно еден процентен поен, поради намалениот инфлациски притисок и желбата да ја направи монетарната политика помалку оптоварена за економскиот раст.
На состанокот во декември, официјалните лица исто така ги намалија очекувањата за дополнителни намалувања во 2025 година, предвидувајќи повисока инфлација и малку подобар раст.
Коментарите на Трамп за каматната политика на Федералните резерви се невообичаени за претседателите во модерната ера и се спротивни на принципот на независност на институцијата. Федералните резерви, кои не се обврзани да ги следат упатствата на претседателот, не одговорија веднаш на барањето за коментар на Ројтерс.