Ферари оствари рекорден профит во 2022 година

68

Италијанскиот производител на луксузни возила Ферари минатата година оствари нето добивка од 939 милиони евра, што е за 12,7 отсто повеќе од претходната година и највисока досега.
Како што јави француската новинска агенција АФП, компанијата соопшти дека продала 18,5 отсто повеќе возила од лани, а оптимисти се и за овогодинешниот бизнис.

Ферари минатата година на клиентите им испорача 13.221 возило, што, според раководството на компанијата, претставува одлична основа за оваа година. „Побарувачката за нашите производи ширум светот останува силна“, изјави главниот извршен директор на компанијата, Бенедето Виња.
Приходите од продажба лани достигнаа 5,09 милијарди евра или 19,3 отсто повеќе од претходната година. До 2026 година се очекува сумата да се зголеми на 6,7 милијарди евра, за што ќе придонесат 15-те нови модели кои Ферари има намера да ги претстави дотогаш.