Фервекс за возрасни превентивно повлечен од аптеките

170

ferveks.jpgПрепаратот Фервекс за возрасни со шеќер, гранули за перорален раствор (во кесички), превентивно се повлекува од аптеките. Ова не важи за производот Fervex sugar free (гранули за перорална употреба без шеќер), тие не се повлекуваат од производителот и ќе можат да се најдат во продажба во аптеките.

Одлуката за повлекување на препаратите е донесена откако Бирото за лекови вчера писмено беше информирано од компанијата Фармасвис ДООЕЛ, која е застапник на производителот Bristol-Myers Squibb од Франција, дека согласно Законот за лекови и медицински помагала, од нивна страна е одлучено доброволно и превентивно да ги повлече сите серии од производот.

“Повлекувањето е како превентивна мерка додека трае испитувањето на сите лотови на производот Fervex®Adult Raspberry, кој не е регистриран во Македонија и никогаш не бил присутен на македонскиот пазар, ниту на пазарот во соседните земји. Овој производ е со слична формулација на гранулите Фервекс во кесички за возрасни кои се присутни и се продаваат на нашиот пазар”, се вели во соопштението на Бирото за лекови.

Од компанијата велат дека се преземени сите потребни превентивни мерки и резервите од сите серии од овој производ се повлечени од дистрибутерите на големо, а истото продолжува да се врши и од аптеките во најкраток можен рок.

Повлечените производи се складирани во магацин се додека не се добијат понатамошни инструкции на производителот Bristol-Myers Squibb од Франција.