Филип Морис ТКП донираше 80.000 долари за СОУ Ристе Ристески – Ричко во Прилеп

31

Со вредна донација од 80 илјади долари од Филип Морис ТКП, прилепското средно општинско училиште Ристе Ристески – Ричко добива нова најсовремена  опрема за изведување практична настава од електротехничка струка, како и целосно реновирање на просториите каде се врши практичната настава за потребите на овој образовен профил.Во истата е опфатено покрај опремување на училниците со поставување нов под, санација на внатрешните ѕидови, замена на внатрешните врати, поставувањето на ново расветлување и инсталирање на училишните кабинети за практична настава и нивно опремување со специјализирани школски електротехнички лаборатории за потребите на наставниот процес, изведени се иг радежни зафати во кабинетите на наставниците. Имплементацијата на проектот се одвива во соработка со Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Скопје.

Целта на донацијата е преку модернизација на капацитетите да се подобрат условите за образовниот процес во училиштето, како и целосниот квалитет на наставата и работата на персоналот.Притоа, целта е да се овозможи оспособување на учениците преку практична настава со најсовремена опрема како би можеле истите по завршување на средното училиште веднаш да бидат инволвирани во пазарот на труд. Овој проект за Филип Морис ТКП е дел од континуирана иницијатива на компанијата за општествен придонес во заедницата преку помагање и унапредување на образовните процеси во повеќе училишта во Република Македонија.

“Со континуирана и посветена ангажираност низ годините, ги спроведуваме овие активности преку кои сакаме да го дадеме нашиот, компаниски придонес кон еден клучен сегмент од општеството како што е образованието, затоа што само квалитетното образование може сериозно да ги подобри состојбите во заедницата. Ова училиште има токму таква улога во локалната економија во Прилеп и затоа оценивме дека е повеќе од потребно да се интервенира во образовните капацитети, да се оспособи за да даде навистина квалитетни и добро обучени кадри спремни за потребите на пазарот на труд“, вели Михаел Солтер, Генерален директор на Филип Морис ТКП.

Средното општинско училиште Ристе Ристески – Ричко е едно од поголемите во Прилеп каде учат 825 ученици. Филип Морис ТКП е прва општествено-одговорна компанија која инвестира сопствени средства во подобрување на образовните капацитети во училиштето.

“Оваа донација за нас како едно од поголемите средни училишта во Прилеп има непроценливо значење, затоа што ние пред сè сме центар со средно стручно образование и со директен импакт во локалното стопанство. Новите подобрени услови во кои ќе започнеме да работиме несомнено позитивно ќе се одразат на самиот квалитет на наставата и кадрите што излегуваат од кај нас. Тоа дава дополнителна вредност на и така големата и обемна донација и затоа сме искрено благодарни на Филип Морис ТКП“, изјави Билјана Трајкоска, директор на училиштето.

Реконструкцијата на училниците за практична настава и инсталирањето на опремата започна на 1ви август, а се очекува да заврши до крајот на септември 2018 година, за кога е предвидено и потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу средното училиште и Тутунски Комбинат Прилеп каде би се овозможило изведување на практична настава за учениците во текот на целата година во капацитетите на фабриката.