Fingerreader – уред што им помага на луѓето со оштетен вид да читаат

22

Фото: Augmented Human Lab

Научници од Универзитетот MIT создадоа уред што се носи на прст и им помага на луѓето со оштетен вид да читаат испечатен текст без да користат Брајова азбука. Fingerreader наликува на прстен и го чита текстот на глас благодарение на камера и софтвер со отворен код, пишува Designboom.

Корисникот треба само да го стави на показалецот, да покаже кон одредениот предмет и секој детектиран збор/реченица ќе бидат изговорени во реално време.

Fingerreader може да прочита повеќе зборови и цели реченици. Се поврзува и со лаптоп или мобилен телефон, па така корисниците можат да ги понесат уредите со нив во ресторан, да читаат разни знаци и друг текст со фонт поголем од 12.

Уредот, исто така, вибрира доколку корисникот “залута“ од текстот. Иако сè уште е во фаза на прототип, научниците се надеваат дека ќе привлечат инвеститори и наскоро ќе можат да произведат достапна комерцијална верзија на Fingerreader за пазарот.