ФИТР поставува нови стандарди за работа на државните институции

32

Фондот за иновации и технолошки развој го имплементираше ISO 37001:2017, со што станува првата државна институција сертифицирана со меѓународниот Стандард за спречување на корупција.

Стандардизацијата за спречување на корупција има за цел континуирано и темелно спроведување на политиката на нула толеранција за мито и корупција. Усогласеноста со овој меѓународен Стандард овозможува имплементација на разумни и пропорционални механизми за превенција и откривање, како и конкретни мерки против корупцијата.

“Борбата против корупцијата и криминалот е еден од врвните приоритети на Владата и затоа бара вклученост од сите институции. Во таа насока од исклучителна важност е  меѓуинституционалната соработка, размената на информации и координации, на што од почетокот на мојот мандат ставив посебен фокус. Фондот за иновации и технолошки развој е позитивен пример за вклученоста на институциите во спречувањето на корупција. Драго ми е што ФИТР е првата државна институција која го доби  ИСО сертификат 37001, со кој се определуваат обврските и должностите на Фондот во делот на спречување корупција, одговорностите на вработените во спроведување на активности поврзани со спречување на мито и корупција и друго. Имплементацијата на овој сертификат, очекувам да придонесе за подигнување на свеста за негативните последици од корупцијата за целокупното општество и да  даде придонес во целиот процес. Како координатор на надлежните антикорупциски институции, овој сертификат ќе предложам да го имплементираат и останатите државни институции. Борбата против корупцијата и криминалот е заедничка, и очекувам сите да дадеме придонес во искоренувањето на оваа појава што го поткопува општеството, буџетот, економијата и враќа државата назад”, изјави заменик на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

Воведувањето на ИСО 37001:2017 ги вклучува и вработените, нивната одговорност и работа која треба да биде посветена на јавниот интерес, како и на ангажираните лица во Фондот и други лица поврзани со институцијата во спроведување на активности поврзани со спречување на мито и корупција и примена на принципите дефинирани во Политиката на Фондот.  За таа цел, обезбедени се информации и упатства како за вработените така и за ангажираните лица и поврзаните лица со Фондот, со цел препознавање и справување на проблеми поврзани со мито и корупција.

“Сертифицирањето беше спроведено на иницијатива на Фондот, а  обезбедувањето на глобално признаен Стандард претставува уште една потврда за успешноста на процесите и политиките на ФИТР. Верувам дека сертификацијата ќе ја надгради довербата кон Фондот како институција која претставува значаен промотор на иновациската дејност, технолошки и економски раст и развој во државата. Се надевам дека ФИТР ќе биде и силен импулс за другите државни институции, да го следат нашиот пример за сертификација и спроведување на овој Стандард, како иницијатива повеќе за транспарентен и одговорен јавен сектор”,  посочи Коста Петров, директор на ФИТР.

Процесот на стандардизација и имплементирање на ИСО 37001:2017 во ФИТР, се одвиваше во изминатите шест месеци.