Германската групација Фолксваген, соочена со падот на побарувачката во Европа и вишокот капацитет, може да отстапи некои од своите фабрики на кинеските производители на електрични возила.
Вишокот производствен капацитет би можел да се пренесе на кинеските компании преку договори за партнерство. Тие, пак, ќе имаат можност да произведуваат електрични возила во Европа, што ќе им овозможи на кинеските производители да ги избегнат увозните давачки од ЕУ.
Лидерите на германскиот концерн за ова зборуваа за Фајненшл тајмс (ФТ).
Извршниот директор на подружницата на Фолксваген, Ауди, Гернот Делнер, рече дека горенаведеното сценарио е сосема можно, додавајќи дека „верува во слободна трговија“.
Audi веќе има партнерство со производителот на електрични возила SAIC за производство на електрични возила во Кина. Сличен договор би можел да се склучи и за фабриките во Германија.
„Подготвени сме за сите преговори за кое било прашање со кој било партнер. Во динамичен свет, мора да бидете отворени за сите можности“, рече финансискиот директор на Фолксваген, Дејвид Пауелс во одвоено интервју.
Во септември минатата година, раководството на групацијата Фолксваген најави можност за затворање на неколку фабрики во Германија поради падот на побарувачката и влошувањето на финансиските перформанси.
По неколкумесечни преговори со синдикатот и штрајковите на работниците, раководството на компанијата се откажа од плановите за отпуштања, но проблемот со хиперпродукцијата сè уште останува, додаваат од ФТ.