Фолксваген се подготвува да ја отвори првата фабрика за батерии за електрични возила

74

Германската автомобилска компанија Volkswagen (VW) ги започна работите на првата фабрика за батерии за електрични автомобили, со планови за изградба на повеќе во иднина, јавува агенцијата ДПА.

Водечкиот германски производител на автомобили планира да вработи до 20.000 луѓе во својата нова компанија за производство на батерии PowerCo, која планира да отвори фабрики во Европа и Северна Америка, соопшти Volkswagen.

PowerCo треба да генерира повеќе од 20 милијарди евра во годишна продажба до 2030 година, соопшти компанијата по повод официјалниот почеток со работа на фабриката во Салцгитер, централна Германија.

Канцеларот Олаф Шолц, кој присуствуваше на церемонијата, ја нагласи важноста производителите на автомобили повеќе да не мораат да се обраќаат кон Азија за клучните компоненти на батериите.

„Сега знаеме подобро“ кога станува збор за кревките синџири на снабдување, рече Шолц. Зависноста во некои стратешки области носи со себе голем ризик и затоа вие во Салцгитер се занимавате со овој посебен бизнис“, рече Шолц.