Фондацијата Трајче Мукаетов доделува 40 стипендии

47

fondacija trajce mukaetov

Фондацијата Трајче Мукаетов и оваа година доделува 40 стипендии и тоа 20 за студенти на Фармацевтскиот и 20 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј Скопје, за учебната 2014/2015 година.

Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци. Имињата на стипендистите ќе бидат објавени во печатените медиуми, а Извршната канцеларија на Фондацијата ќе ги контактира за потпишување договори за стипендирање.

Согласно програмските политики за поддршка на млади и амбициозни кадри кои своите кариери ги посветиле на македонското здравство и фармација, почнувајќи од учебната 2009/2010 година, Фондацијата Трајче Мукаетов, доделува и еднократна парична награда на првенците на генерациите на Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет при УКИМ, во висина од 1.200 евра во денарска противвредност.

Годинава, еднократна парична награда ќе добијат: Бисера Степановска од Фармацевтскиот факултет, со просек 9,98 и Александар Јовановски од Медицинскиот факултет со просек 9,93. Првенецот на генерација од Фармацевтскиот факултет, Бисера Степановска, која до сега беше стипендист на Фондацијата Трајче Мукаетов, својата професионална кариера ќе ја започне во Алкалоид АД Скопје од први ноември, во одделот Фармација.

Почнувајќи од учебната 2007/08 година, Фондацијата стипендираше вкупно 304 студенти по фармација и медицина, вклучувајќи ги и новите 40 во учебната 2014/15. Од нив, 103 студенти по фармација и 72 по медицина се веќе дипломирани. Доколку ги исполнат предвидените услови, на стипендистите им  продолжуваат стипендиите и во текот на наредната учебна година. Од 2009 година до денес, својата кариера во Алкалоид, во одделите на сегментот Фармација ја започнале 24 од стипендираните студенти на Фондацијата.

Од хуманитарниот пикник, пак, кој годинава се одржа на 27-ми септември, за вработените на Алкалоид, под закрила на Фондацијата Трајче Мукаетов, претседателот на Фондацијата, Живко Мукаетов најави дека средствата донирани од вработените на компанијата во износ од 725.000 денари ќе бидат наменети за Клиниката за детски болести при Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје.

Фондацијата Трајче Мукаетов е основана од Алкалоид АД Скопје со цел стипендирање, донирање и финансирање на талентирани доктори и фармацевти, како и финансиска поддршка на проекти од овие две области.