ФОТО: Ново поглавје за „Македонско село“ – традицијата оживува на Водно

Eтно-комплексот „Македонско село“ на падините на Водно повторно ги отвори вратите за посетителите. Овој уникатен простор, кој се наоѓа во близина на селото Нерези, од денеска е  повторно отворен за јавноста под ново раководство – компанијата „Ла Тераца“.

Новите концесионери беа избрани по транспарентна и легална постапка преку електронско јавно наддавање, спроведено преку системот на Министерството за финансии. Службата за општи и заеднички работи, која го организираше процесот, соопшти дека компанијата „Ла Тераца“ понудила најповолни услови за управување со комплексот.

„Благодарност до инвеститорите, до концесионерите, кои што се охрабрија да инвестираат и да понудат и на Скопје и на сите оние кои ќе го посетуваат Скопје уште едно туристичко, алтернативно и би рекол, ултра квалитетно место, каде што може да се ужива во преубав поглед, во преубави соби, апартмани, би рекол и сигурен сум во превкусна храна. Така што јас би им посакал многу среќа во работата, се разбира“, рече на отворањето премиерот Христијан Мицкоски.

Комплексот „Македонско село“ претставува уникатен спој на култура, традиција и туризам – составен е од 12 автентични куќи кои ја претставуваат архитектурата и занаетите од различни краеви на Македонија. Во минатото, некои од објектите беа адаптирани како хотелски соби, а дел функционираа како ресторани и работилници за традиционални занаети.