Frankfurter Rundschau прогласи банкрот

18

Еден од најголемите германски дневни весници, Frankfurter Rundschau прогласи банкрот, со што се потврдија гласините за негово можно гасење, пишуваат германските медиуми. Судот во Франкфурт доби барање за започнување стечајна постапка.

Досегашното раководство ќе остане на должност и понатаму, но одлуките за работењето ќе ги донесува привремен стечаен управник. Според наводите на синдикатот, во FR работат преку 500 луѓе, од кои една петтина се новинари.

Германското новинарско друштво апелираше издавачите да не ги отпуштаат вработените во редакциите.

Издавачите на весникот изминатите неколку години во неколку наврати спроведуваа мерки за штедење, како намалување на платите и спојување со весникот Berliner Zeitung, но ови мерки се покажаа како неуспешни.

Коментарите во Германија се дека весникот работи лошо делумно поради негативниот тренд со кој се соочуваат печатените медиуми ширум светот, делумно поради лошиот менаџмент. Наместо да инвестираат во дигитална иднина, бројни издавачи се концентрираат главно на кратење трошоци и краткорочни мерки за стабилизација. Со експанзијата на бесплатните онлајн сервиси, печатените медиуми губат претплатници, но и реклами.

Издавач на лево-либерално ориентираниот весник, поддржан од германската Социјадемократска партија СДП е Druck und Verlagshaus Frankfurt am Main GmbH. Се печати од 1 август 1945 година, кога бил само втор весник во Германија. Според тиражот, со 118.000 продадени примероци се наоѓа на петто место во Германија. Според Frankfurter Allgemeine Zeitung, FR изминатите години бележел загуба по 20 милиони евра годишно.

Според пишувањето на Spiegel, загрозен е и опстанокот на весникот Financial Times Deutschland, а одлуката за неговата судбина треба да се донесе до 21 ноември.