ФЗОМ воведува електронска фактура за аптеките

51

OLYMPUS DIGITAL CAMERA Се воведува електронска фактура или поврзување меѓу аптеките и Фондот за здравствено осигурување на Македонија со цел да се избегнат нервозите и грешките од минатото кои беа на товар на аптеките. Ова денеска го најави директорка на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Maja Парнарџиева-Змејкова.
Објасни дека овој проект произлегол од аптеките и додаде дека го воведуваат и кај сите здравствени установи со кои Фондот има договор.
“Порано аптеките ни ја доставуваа фактурата, а ние, со нашите системски проверки констатиравме голем број грешки коа автоматски беа отстранувани и не беа плаќани од Фондот. За тоа да не биде на штета на аптеките, Фондот воведе електронска фактура која аптеките во текот на месецот си ја потполнуваат постојано на нашиот веб портал. И веднаш, при првото нотирање на грешката, можат да ја отстранат”, рече Парнарџиева-Змејкова.
Образложи дека постои период од 15-тина дена кога, како што рече, аптеките при внесување на податоците за искористеност на рецептите добиваат аларм што е погрешно, го надминуваат и кога ќе се достави електронската фактура таа целосно ќе биде точна.
“Конечно ги елиминираме тие пропусти кои беа на товар на аптеките заради некои други пропусти, кај матичен лекар за издавање лек, кај осигуреникот кој во тој момент немал здравствено осигурување или други грешки…”, рече Парнарџиева-Змејкова.
Таа потенцира дека досега повеќе од 20-тина крупни промени се случиле меѓу ФЗОМ и аптеките, на нивно барање, а за олеснето работење, за подобра снабденост на лекови и за поголемо задоволство на осигурениците од вршење на оваа услуга.
Претседателот на Фармацевтската комора на Македонија Бистра Ангеловска изрази задоволство од соработката со Фондот и од разбирањето на проблемите на фармацевтската фела.