Фото: Pixabay
Победничка компанија – Од било каде, до врвот
Имам фирма и во Македонија. Ја отворив пред четири години, ама мируваше. Пред неколку месеци решив да ја активирам, па поминав скоро низ сите фази низ кои минат новите компании. Значи, она што подолу следува, сум го видел со свои очи и сум го доживеал на сопствена кожа.
Доколку сте одлучиле да отворате компанија и веќе сте одбрале со што ќе се занимава компанијата, тогаш подгответе се за одисеја што се вика „македонска администрација“. Она што продолжува да ме фасцинира сиве овие години е таа администрација. Секое ново доаѓање во Македонија гледам промени – нови фасади, нови споменици, нови кружни текови. Она што не се менува е администрацијата. Посебно, три работи врзани за неа: (а) таксена марка, (б) печат, и (в) нотар. Секоја од нив е приказна за себе, со материјал доволен за секоја од нив да се пишува книга.
Таксена марка. Таксената марка е замена за реални пари, инструмент за наплата на трошоците на администрацијата. Порано беше со марка, слична на поштенските: одиш на шалтер, ти кажуваат дека треба да пополниш образец и да му ставиш таксена марка. Потоа бараш трафика која има таксени марки, па може да ти се случи да мора да се враќаш од Центар во Влае за да најдеш, а потоа пак назад во Центар. Во најново време, таксата се плаќа преку телефон, со SMS (Short Message Service). На многу паркинзи се користи истиот начин за плаќање. Воведувањето на ваков начин на плаќање се именува (од страна на органите, се разбира) како огромен напредок на администрацијата. Дај не ме заебавај.
Апсолутно не ми е јасно зошто се користи таксена марка – постојат пари и постојат кредитни картици. Тоа се вообичаени средства за плаќање. Ако ми треба некоја услуга од администрацијата, треба да платам за тоа. Во ред е. Ама зошто ме малтретираш со таксени марки – еве ти пари или картичка и наплати ми во моментот кога ми ја пружаш услугата. Точка. Едноставно и брзо.
Се обидувам да ја сфатам генезата на оваа аномалија: не се работи за тоа дали администрацијата знае или може подобро, туку за тоа дали има доволно овластувања, самостојност и отчетност. Верувам дека авторот на административните прописи, плашејќи се од злоупотреби, продолжил (по инерција од стариот бившојугословенски систем) да ги пропишува таксените марки како сигурно средство за наплата на трошоци. Мислам дека е крајно време ова да се исфрли од употреба.
Печат. Печатот е доказ за веродостојноста на нечиј потпис, бидејќи секогаш одат заедно. Во процесот на активирање на фирмата, мислам дека удрив печат барем на педесетина места. Не е доволно само округлиот, туку на многу места морав и правоаголниот печат да го ставам, со некакви архивски броеви. Ракава ми фати реума. Како илустрација: мојот потпис овде во Америка е скениран уште со моето прво барање за отворање фирма и истиот е депониран и ставен на располагање на сите институции. Така, ако потпишам нешто, системот сам врши споредба на депонираниот со актуелниот потпис и тоа е доволно да се потврди веродостојноста. Многу е потешко да се фалсификува потпис отколку печат – децата сега можат да репродуцираат во Фотошоп било кој печат.
Повторно, генезата на проблемот е во недоверба – недоверба од страна на системот кон поединците и обратно. Секој се покрива и никој нема право да одлучи на лице место. Никој освен шефот нема право да потпише решение – за да пријавам емаил адреса на фирмата во Скопје (а немам поим зошто тоа им беше потребно) ми требаа три одења во Централниот регистер: еднаш за да подигнам формулар, вторпат за да го однесам пополнет, и третпат за да добијам решение потпишано од шефот. А бе женава на шалтер можеше да го среди тоа за две минути – да ја отвори на компјутер страницата на мојата фирма и да ја внесе емаил-адресата. Немам зборови да ја искажам разочараноста. А имаме министерство за информатичко општество – веројатно имаат печатна грешка, треба да стои „… за феудално општество“.
Нема оправдување за употребата на така архаично средство како што е печатот – потписот е единствена гаранција дека јас стојам зад некој документ. Секоја злоупотреба се казнува и тоа е единствениот начин да се регулираат работите. Фирмите треба да се занимаваат со правење пари, а не со трошење време и енергија на задоволување на потребите на администрацијата.
Нотар. Нотарот е врховен авторитет во државата – тој кажува што е вистина, а што не е. Ако сакам да докажам дека сум се родил во Теарце од мајка Ана и татко Петре, треба нотар да ја потврди веродостојноста на фотокопијата од изводот на родени (која не смее да биде постара од шест месеци, како да можам да правам промени во тоа кога и кај сум се родил!). А фотокопијата ја правам, на пример во Суд, за да докажам дека не сум осудуван. Службеничката го фотокопира изводот и ми вели да одам да ја заверам на нотар. Не си верува себеси и на своите очи, туку на заверката од нотарот. Невидено. Ако сакам да докажам дека сум машко, не треба да одам само на лекарски преглед – сите потврди што ќе ми ги дадат таму, треба да ги заверам на нотар. Среќа што тие работи ги вршат секретарките на нотарите па ако треба нешто посебно да докажувам пред нив, тука сум.
Нотарите овде во Америка се вработени во фирми и имаат минимална важност. Во сиве овие години поминати во Америка, само еднаш имав потреба од нотарска заверка, нешто поврзано со финансиски документи. Откако ги добив документите, самиот банкарски службеник ми рече дека можеби некој ќе побара нотарска заверка и тој самиот ги завери. Тука на лице место и без да ми наплати. Тој е едноставно вработен во банката и има лиценца за нотар. Лиценца може да добие секој граѓанин ако положи испит. Ни случајно не мора да е правник.
Е сега, во ова светло треба да се посматра тн. „едношалтерски систем за регистрација на фирми“ кој на големо се рекламира кај нас. Еден шалтер – да, ама mucho problemas!
Како заклучок: Не треба да ги копираме соседите бидејќи и тие се во исти говна како и ние. Треба да учиме од најпаметните. Здравата администрација е клуч за здраво започнување и водење на бизнис. Деталите се во ѓаволот (читај: администрација), а тој ве демне на секој чекор од вашиот пат за отворање фирма.