„Газпром“ ја намалува испораката на гас од Русија до Германија на само 20%

58

„Газпром“ од среда ќе ја намали испораката на гас преку „Северен тек 1“ од Русија до Германија на само 20 отсто, односно на 33 милиони кубни метри гас дневно. На 25 јули „Газпром“ објави дека ја прекинува работата на уште една гасна турбина на „Сименс“ на гасоводната станица „Портоваја“.

„Газпром“ објави дека во согласност со упатствата на техничкиот надзор и имајќи ја предвид техничката состојба на моторот, ја запира работата на вториот мотор со гасна турбина на „Сименс“ на станицата „Портоваја“ поради ремонт, пренесува „РТ“.

Гасоводот претходните денови работеше со капацитет од 40 проценти.

Претходно „Газпром“ објави дека добил документи од „Сименс“ од канадските власти, но дека остануваат прашањата за санкциите на Европската унија и Велика Британија, чие решавање е важно за испораката на турбините во Русија. Понатамошното намалување на испораките на гас доаѓа откако гасоводот беше повторно отворен на 21 јули по 10-дневниот ремонт.

Европските земји, кои се снабдуваат со гас преку „Северен тек 1“, сметаат дека ова е руска одмазда за санкциите воведени од ЕУ поради инвазијата на Украина, пишува „Фајненшл тајмс“. Европа се наоѓа во тешка ситуација бидејќи се обидува да ги наполни складиштата со гас пред зимата и апелира за заштеди поради очекуваниот недостиг.

„Газпром“ го намали обемот на испораки поради проблеми со турбините што ги одржува германската компанија „Сименс енерџи“ во Канада. Сепак, аналитичарите на пазарот на гас од Берлин проценуваат дека Русија го користи проблемот со поправката на турбините како изговор за намалување на протокот.

Цените на бензинот во Европа пораснаа откако „Газпром“ најави дека дополнително ќе ги намали испораките. Во понеделникот цените скокнаа за 10 отсто на 1.850 евра за илјада кубни метри, или 177 евра за мегават час, што е пет пати повеќе од цената пред една година.