Генерација „свој газда“:Над два милиони претприемачи до 30 години во Европската Унија

Бидејќи технологијата ги менува работните места со невидена брзина, некои млади луѓе наоѓаат свои начини да заработат за живот, свртувајќи се кон самовработување од креативност и иновација или од потреба.

Во 2025 година, 2,06 милиони луѓе на возраст од 20 до 29 години во Европската Унија биле самовработени, што претставува 7,9 проценти од сите самовработени лица на возраст од 20 до 64 години, според Европската канцеларија за статистика.

Меѓу земјите на ЕУ, најголем удел на млади претприемачи меѓу самовработените лица на возраст од 20 до 64 години имало во Словачка (12,2 проценти), Малта (10,5 проценти) и Романија (10,3 проценти).

Најмал удел имало во Ирска (5,1 процент), Бугарија (5,3 проценти) и Шпанија (5,9 проценти).

Во 2025 година, стапката на вработеност на лицата на возраст од 20 до 29 години во ЕУ била 65,6 проценти, што претставува зголемување од 6,3 процентни поени во споредба со 2015 година.

Холандија (84,0 проценти) и Малта (82,1 процент) имале највисоки стапки на вработеност кај лицата на возраст од 20 до 29 години, по што следувала Германија (77,0 проценти).

Од друга страна, Италија забележа најниска стапка од 47,6 проценти, по што следат Романија (52,0) и Бугарија (52,7 проценти).