Георгиева: Очекуваме тешки времиња во следните неколку години

Дали на светската економија и се заканува рецесија, како што ја оценува состојбата во Хрватска, до кога и колку ќе растат каматите? Ова се само дел од темите за кои за ХРТ зборуваше извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева.
Таа во Дубровник учествуваше на меѓународна конференција на која се разговараше за какви политики ни се потребни во овие неизвесни геополитички времиња.

Кристалина Георгиева, извршен директор на ММФ, во централниот ХТВ Дневник рече дека проблемите на светската економија не се само високата инфлација и бавниот економски раст, туку и исклучителната неизвесност.

– Глобалната економија годинава се очекува да порасне за 2,8 проценти. Лани беше 3,4 отсто, пред две години беше 6,1 отсто. Поголем проблем е постојаната инфлација. Затегнувањето на монетарната политика имаше ефект на одреден пад на вкупната инфлација, но базичната инфлација е поупорна, што значи дека каматните стапки ќе мора да бидат високи на подолг временски период. Најголемата грижа е долгорочниот потенцијал за раст. Во следните пет години се предвидува раст од само 3 проценти, рече таа.

Таа посочи дека инфлацијата годинава се проценува на 7 проценти.

– Иако ќе има напредок во 2024 година, сепак инфлацијата ќе биде превисока за задоволително ниво. Кога зборуваме за каматни стапки, тоа значи дека ќе треба да бидеме подготвени за повисоки каматни стапки барем во текот на оваа и следната година. Добрата вест е што веќе не зборуваме за тоа колку ќе бидат високи, туку колку долго ќе бидат високи. За светската економија тоа значи две последици – се одразува на инвестициите и потрошувачката, посочи Георгиева.

На прашањето дали постои опасност да расте сиромаштијата во светот, таа одговори дека тоа веќе се случува и дека се очекуваат тешки времиња во следните неколку години.

Причината, рече таа, е агресијата врз Украина, која се прелева во целиот свет и избриша нешто во кое уживавме 30 години – дивидендата на мирот од крајот на Студената војна.

– Трошоците за одбрана растат, остануваат помалку пари за развој во државите и помош за сиромашните држави, посочи таа.

Таа додаде дека добрата страна на руската војна е што Европа брзо се ослободи од зависноста од руската нафта и гас.