Георгиева: Зголемени ризици за глобалната финансиска стабилност

54

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, во неделата рече дека ризиците за финансиската стабилност се зголемени и повика на континуирана претпазливост, иако активностите во напредните економии го смируваат стресот на пазарот.
Шефицата на ММФ го повтори нејзиниот став дека 2023 година ќе биде уште една предизвикувачка година, со забавување на глобалниот раст на под 3 отсто поради лузните од пандемијата, војната во Украина и затегнувањето на монетарната политика.

Дури и со подобри изгледи за 2024 година, глобалниот раст ќе остане далеку под историскиот просек од 3,8%, а вкупните изгледи остануваат слаби, рече таа на Форумот за развој на Кина.

ММФ, кој предвиде глобален раст од 2,9 отсто оваа година, треба да објави нови прогнози следниот месец.

Георгиева рече дека креаторите на политиките во напредните економии одлучно реагирале на ризиците за финансиската стабилност по колапсот на банките, но и покрај тоа е потребна претпазливост.

„Така, ние продолжуваме внимателно да го следиме развојот на настаните и да ги проценуваме потенцијалните импликации за глобалната економска перспектива и глобалната финансиска стабилност“, рече таа, додавајќи дека ММФ посветува големо внимание на најранливите земји, особено на земјите со ниски приходи и високи нивоа на долг.

Таа, исто така, предупреди дека гео-економската фрагментација може да го подели светот на ривалски економски блокови, што ќе резултира со „опасна поделба што ќе ги направи сите посиромашни и помалку безбедни“.

Фото: Facbook