Германија издвојува 83,3 милијарди евра за помош на домаќинствата и бизнисите

75

Германскиот министер за финансии Кристијан Линдер ги претстави плановите според кои најголемата европска економија ќе потроши 83,3 милијарди евра (83,4 милијарди долари) за субвенции за гас и електрична енергија следната година, според документот на министерството на кое Блумберг имаше увид.

Според документот, 40,3 милијарди евра ќе бидат искористени за покривање на трошоците за гас и парно греење, вклучително и еднократните плаќања во декември за деловните субјекти и домаќинствата.

Ограничувањето на цените на гасот за домаќинствата ќе стапи на сила од март, но владиниот план вклучува преговори со дистрибутерите на енергија врз основа на кои ќе се утврди дали е можно спроведување на оваа мерка пред предвидениот рок.

Останатите 43 милијарди евра ќе бидат искористени за намалување на трошоците за струја на домаќинствата и компаниите. Дел од тие средства ќе се вратат во Буџетот со стапување во сила на мерките за намалување на екстра профитот што го остваруваат производителите на електрична енергија.

Како дел од планот се издвоени дополнителни средства во износ од 15,2 милијарди евра за купување на акции во Унипер, најголемиот увозник на гас во Германија. Исто така, околу 8,5 милијарди евра резервирани за други енергетски компании кои се соочуваат со тешкотии, се наведува во документот.

Планот е поврзан со неодамна усвоениот Економски и стабилизациски фонд од 200 милијарди евра, кој е дизајниран да ги заштити бизнисите и домаќинствата од повисоките цени на енергијата. До парите може да се пристапи во форма на заеми од државната банка KfV, а финансирањето е надвор од вообичаените буџетски одредби на земјата.

Владите низ еврозоната досега потрошиле околу 1,25 отсто од економското производство, или околу 200 милијарди евра, за стимулации во енергетскиот сектор.