Германија одобри 80.000 работни визи во првата половина од годинава

Германското Министерство за надворешни работи издаде повеќе од 80.000 работни визи во првите 6 месеци од оваа година.

Околу половина од нив (речиси 40.000) се за квалификувани работници, дознава агенцијата dpa од Министерството, а пренесува Дојче веле (DW). Во истиот период лани биле издадени 37.000 визи на лица со одредена квалификација. А во цела 2023 година се издадени 157.000 работни визи, од кои 79.000 се на квалификувани работници.

Се чека „картичката за шанса“
Таканаречената карта на шанса,  беше воведена на први јуни годинава. Досега по таа основа се издадени нешто помалку од 200 визи. Услови за Chance Card: стручно образование признаено во земјата на потекло, најмалку две години стручна обука или соодветна диплома за високо образование и познавање на германски или англиски јазик. Со оглед на нивото на јазично познавање, работно искуство, возраст и поврзаност со Германија, заинтересираните добиваат поени.

Кој ќе собере доволно поени може да оди во Германија и има една година да бара постојано вработување. Можно е продолжување на две години.

Претседателот на Германската индустриска и трговска комора ДИХК, Петер Адријан, изјави за агенцијата ДПА: „Пораката мора да биде: со нетрпение очекуваме да ви посакаме добредојде во Германија“. И има многу можности за тоа. Започнува со доделување визи, а завршува со обезбедување стан и место за деца во градинка, училиште, дневен престој.

Имаме дефицити во многу области“, вели Адријан, додавајќи дека на новиот закон за имиграција на квалификувана работна сила во принцип треба да се гледа позитивно: „Но, тој е премногу комплициран. Заостануваме во практичната примена. Не верувам дека со оваа варијанта можеме да внесеме многу стручен труд“.