Германија се соочува со рецесија во 2023 година

41

Економијата на Германија ќе се намали во 2023 година бидејќи драматичното зголемување на трошоците за енергија поради руско-украинската војна ги намали изгледите за закрепнување од пандемиската криза, соопшти  институтот Ифо.

Во јуни институтот прогнозираше дека економијата ќе порасне за 3,7 проценти следната година, а сега предвидува дека активноста ќе падне за 0,3 проценти.

Истовремено, значително ја зголеми прогнозата за инфлацијата во 2023 година, за шест процентни поени, на 9,3 отсто.

Годинава, според последните проценки на Ифо, економијата треба да порасне за 1,6 отсто. Во јуни Институтот прогнозираше стапка на раст од 2,5 отсто. Инфлацијата годинава треба да изнесува 8,1 отсто и да биде повисока за 1,3 процентни поени отколку што предвидуваа во јуни.

„Намалената понуда на гас од Русија во текот на летото и последователно драстичното зголемување на цените го уништуваат економското закрепнување по пандемијата на коронавирус“, рече Тимо Волмерсхаусер, шеф на економските прогнози во Ифо.

Првиот квартал од 2023 година ќе биде особено тежок за потрошувачите бидејќи добавувачите на енергија ги приспособуваат цените поради високите трошоци за набавка, што ќе ја поттикне инфлацијата на околу 11 проценти, соопшти институтот.

Тоа ќе значи намалена куповна моќ на домаќинствата, предупредува Ифо и додава дека владиниот пакет ќе го ублажи ударот, но нема целосно да го амортизира, пренесува Хина.

„Загубата на куповната моќ, мерена со падот на реалните плати по глава на жител од околу три отсто оваа и следната година, е најголема од воведувањето на сегашниот систем на национални сметки во 1970 година“, рече Волмершаузер.

Во текот на следната година, растот на цените треба постепено да ослабне, под претпоставка дека ќе има доволно гас во текот на зимата, забележува Ифо, додавајќи дека цените на енергетските производи треба да почнат да паѓаат најдоцна во пролетта 2023 година.

Во 2024 година економијата треба да порасне за 1,8 отсто, а цените за 2,5 отсто, пресмета институтот.

Германската економија речиси стагнираше во вториот квартал, поддржана од трошењето на домаќинствата и владата. Во првите три месеци активноста е зголемена за 0,8 отсто во однос на крајот на минатата година.