Германски експерти: Царини на руските енергенси се подобра мерка отколку ембаргото

77

Европската унија треба наместо ембарго да воведе тарифи за руските енергенси, бидејќи на тој начин ќе ги намали плаќањата кон Русија со минимални последици по снабдувањето со енергија, сметаат универзитетски професори по економија во Германија.

Резултатите од истражувањето спроведено од Економскиот институт „Ифо“ и „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ покажуваат дека 70 отсто од испитаните експерти вклучени во анализата преферират царина наместо ембарго.

Царините се подобри од ембаргото и поефикасни од квантитативните ограничувања бидејќи би ја принудиле Русија да ги намали извозните цени, објаснуваат тие. Истовремено испитаниците очекуваат дека повисоките цени на енергијата во Европа во исто време ќе ја „оптимизираат дистрибуцијата на дефицитарните ресурси низ пазарот“.

Нешто помалку од четвртина од анкетираните професори изразиле скептицизам за идејата за царина бидејќи сметаат оти тоа би значело уште поголем раст на потрошувачките цени. Тие сметаат дека Русија има голема преговарачка моќ во гасниот сектор, што значи дека трошоците за царините најмногу би ги сносела ЕУ.

Некои испитаници пак ја отфрлаат идејата за тарифи бидејќи ја сметаат за недоволно радикална и повикаа на целосно суспендирање на плаќањата кон Русија.

Нешто повеќе од половина од анкетираните веруваат дека германската Влада треба да ги ограничи трговските односи со автократските земји поради високите геополитички ризици.

Докажано е дека таквите земји често не се сигурни трговски партнери, а Германија е одговорна за човековите права и во други земји, посочуваат тие.

Сепак, огромно мнозинство економисти го критикуваат Законот за снабдување што стапува на сила во 2023 година, а кој ќе ги обврзе германските компании да ги контролираат синџирите на снабдување како начин за борба во почитувањето на човековите права и против загадувањето на животната средина.

Тие предупредуваат дека Законот ќе им го отежне бизнисот на германските компании во странство, дека се работи за бирократски товар што ќе наметне тешка задача за собирање информации, а истовремено отвара ризик од стеснување на кругот добавувачи на примарни производи.