
Во среда, Германскиот совет на економски експерти ја намали прогнозата за германската економија, и сега очекуваат дека најголемата европска економија ќе стагнира оваа година, бидејќи, според нивната проценка, сè уште се соочува со „изразена фаза на слабост“.
Во своите претходни прогнози, објавени во ноември, академските експерти кои ја советуваат германската влада за економската политика и се нарекуваат петмина мудреци, предвидоа за 2025 година раст на економијата од 0,4 проценти.
Германската економија сè уште се соочува со „изразена фаза на слабост“, објави советот на економски експерти во Берлин. Германија беше единствената членка на групата од седум водечки економии во светот (Г7) која не успеа да постигне раст во последните две години, оптоварена со фискални ограничувања и пад на индустријата, потсетува Ројтерс.
Се очекува царините што ги објави американскиот претседател Доналд Трамп да нанесат голем удар врз извозно ориентираната економија на Германија. САД беа најголемиот трговски партнер на Германија во 2024 година, со билатерална трговија во вкупен износ од 253 милијарди евра (284 милијарди долари).
– Во блиска иднина, германската економија ќе биде значително погодена од два фактори, американската царинска политика и фискалниот пакет, изјави претседателката на Советот на економски експерти, Моника Шницер.
Од друга страна, Германија во март одобри фискален план кој вклучува посебен фонд од 500 милијарди евра за инвестиции во инфраструктурата и во голема мера ги отстранува инвестициите во одбраната од правилата што го ограничуваат задолжувањето. Фискалниот пакет нуди можности за враќање на патот на раст, велат економистите.