
Во првите седум месеци од оваа година, Германија извезе околу два милиони нови патнички автомобили, што е за четири проценти помалку во однос на истиот период минатата година, додека во исто време, увозот на нови возила во Германија се зголеми за 16 проценти на вкупно 1,3 милиони автомобили, а увозот од Кина се зголеми повеќе од двојно, објави денес Германскиот федерален завод за статистика (Дестатис).
Падот на извозот на германски автомобили е забележан за сите главни типови погони, објавува „Виршафтсвое“.
Извозот на автомобили со мотори со внатрешно согорување се намали за 2,9 проценти на годишно ниво на еден милион возила, додека извозот на целосно електрични возила исто така се намали за 2,9 проценти на 560.000.
Покрај тоа, германскиот извоз на хибридни возила се намали за 8,2 проценти, на 380.000 автомобили, се додава во извештајот.
Главни извозни пазари за германски автомобили остануваат Велика Британија, Соединетите Американски Држави и Италија, кои заедно сочинуваат 32,7 проценти од вкупниот извоз.
Во исто време, Кина за прв пат стана главен снабдувач на нови автомобили за германскиот пазар, каде што испорача 175.000 возила од јануари до јули, што претставува раст од дури 120,9 проценти во споредба со истиот период минатата година.
Според податоците, Кина со тоа ја потисна Чешка, од која во Германија беа увезени 173.000 возила, како и Шпанија со 157.000 автомобили.
Увозот на кинески хибриди во Германија се зголеми за 36 проценти на годишно ниво, а на електрични автомобили за 66,3 проценти, додека увозот на автомобили со мотори со внатрешно согорување се намали за девет проценти.











