Германскиот извоз веројатно ќе опадне во  2023 година

84

Германската трговска и индустриска комора (ДИХК) денеска излезе со проценка дека германскиот извоз најверојатно следната 2023 година ќе се намали за два отсто поради глобалното економско забавување.

Тоа може да значи дека заработката на германските извозници би се намалила за 70 милијарди евра.

-Извозот веќе почна да се намалува, изјави првиот човек на комората, Фолкер Трејер.

Истражувањето на ДИХК покажа дека 47 отсто од вкупно 3.100 германски компании активни во странство очекуваат забавување на економските активности на нивните извозни пазари.

Поголем удел на „песимистите“, од дури 67 отсто, беше забележан само во пролетта 2020 година, на почетокот на пандемијата на Ковид 19.

„Светската економија е на прагот на ледена зима, а главните причини се економските последици од руската војна против Украина и кинеската политика на нулта толеранција кон Ковид-19“, се заклучува во истражувањето на ДИХК.

Во 2023 година, Германската комора очекува во најдобар случај раст на светската економија од 2,5 отсто, приближно во согласност со прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Меѓутоа, се чини дека извозниците се посигурни во иднината отколку компаниите фокусирани на домашниот пазар. Така, речиси 40 отсто од анкетираните очекуваат подобар бизнис во странство во следната година, а 42 отсто не гледаат никакви промени во тековниот бизнис, покажа истражувањето на ДИХК.