Германските работодавци се против даночните олеснувања за висококвалификуваните странски работници

Предлогот на германската влада за даночни олеснувања за висококвалификуваните странски работници го нарушува принципот на даночна правичност, предупреди првиот човек на здружението на работодавачи Рајнер Дулгер.

Предлогот за даночни олеснувања е составен дел од иницијативата со која Берлин сака да го стимулира економскиот раст и да помогне во решавањето на проблемот со хроничниот недостиг со привлекување висококвалификувани работници од странство.

Владата во првите три години би им го „простила“ данокот на 30, односно 20 и 10 отсто од износот на бруто платата, со дефиниран праг или плафон.

Владата со тој предлог „испраќа погрешен политички сигнал“ и веројатно ќе внесе немир меѓу работниците, изјави за новинската агенција Дпа првиот човек на здружението на работодавачи на Германија, пренесува Хина.

Берлин би можел да привлече и странски работници со даночни олеснувања за сите работници во Германија, нагласи Дулгер.

Министерот за финансии Кристијан Линднер од либералната партија ФДП,  рече дека олеснувањето ќе им биде понудено на менаџерите на највисоките нивоа на администрацијата кои ќе добијат „даночен бонус за вработување“.

Линднер потврди дека владата ја забележала воздржаноста на работодавачите кон предложените олеснувања.

„Затоа прво ќе разговараме. Нема да воведеме ништо што работодавачите активно нема да го користат“, нагласи министерот за финансии.

Трговскиот сектор веќе го критикуваше владиниот предлог, забележува ДПА