Германското индустриско производство ги надмина очекувањата

74

И покрај енергетската криза, зголемените цени и проблемите со снабдувањето, германското индустриско производство остана релативно стабилно во октомври и ги надмина очекувањата на експертите.

Во споредба со септември, вкупното производство е помало за 0,1 отсто, објави во средата Федералното биро за статистика. Економските експерти на банките очекуваа поизразен пад, од 0,6 отсто.

Но, статистиката за септември се покажа подобра. Наместо за раст од 0,6 отсто, новите податоци говорат за раст од 1,1 отсто. Во однос на истиот месец лани, индустриското производство во октомври стагнира.

Од Министерството за економија, пак, се воздржаа од коментирање на последните бројки, наведувајќи дека производството слабо влезе во четвртиот квартал и дека изгледите се уште се лоши.

Германската индустрија долго време е под притисок од економските последици од војната во Украина и континуираните проблеми во глобалната трговија.

Банкарите се нешто пооптимисти. Главниот економист на VP банка Томас Гицел  оцени дека податоците од октомври влеваат надеж дека очекуваното влијание врз индустријата ќе биде пократко отколку што се стравуваше. Јенс Оливер Никлаш од Регионалната банка на Баден-Виртемберг оцени дека „во моментов ситуацијата е подобра од расположението“.

Најголем придонес во вкупното производство има градежниот сектор кој забележа силен месечен раст од 4,2 отсто. Од Министерството за економија оценуваат дека една од можните причини е поволното, благо време.

Од друга страна, благ пад бележи производството на индустриски производи, за 0,4 отсто. Производството на енергија бележи значителен пад од 7,6 отсто, што, според министерството, може да биде последица на заштедата на енергија.