Глобалната продажба на електрични автомобили се зголеми за 25 отсто минатата година, со раст во Кина и пад во Европа.
Според податоците на британската консултантска компанија Rho Motion, минатата година ширум светот се продадени рекордни 17,1 милиони електрични возила со батерии, со исклучок на plug-in хибридите.
Кина минатата година ја зајакна својата позиција како водечки светски пазар на електрични возила. Втората по големина светска економија продаде 11 милиони автомобили, 40 отсто повеќе отколку во 2023 година, објави француската новинска агенција АФП.
Во Европа (вклучувајќи ги Велика Британија, Исланд, Норвешка и Швајцарија), продажбата на електрични возила се намали за три отсто на три милиони по четири години силен раст. На пазар во општо опаѓање, хибридните модели го презедоа најголемиот удел на пазарот на сметка на возилата со бензин и дизел.
Продажбата на електрични возила минатата година значително падна во Германија поради одлуката на владата да ги прекине субвенциите за купување на овие возила, додека во Велика Британија, која стана главен европски пазар за електрични возила, продажбата се зголеми за 21 отсто.
Продажбата на електрични возила, исто така, порасна во САД и Канада, со пораст од девет проценти на 1,8 милиони возила.
Rho Motion истакна дека недостатокот на владини стимулации за купување електрични возила игра значајна улога во продажбата, бидејќи електричните возила остануваат поскапи во споредба со конвенционалните возила.
Според аналитичарите на британската компанија, врз понатамошните трендови во продажбата на електрични возила би можеле да влијаат, меѓу другото, плановите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за елиминирање на стимулациите за продажба на електрични возила, построгите ограничувања на емисиите во Европа, европските царини за увоз на Кинески електрични возила и планови на кинеските производители за изградба на фабрики во Европа.