Глобалната продажба на електрични возила расте на почетокот на 2025 година

Глобалната продажба на електрични и plug-in хибридни возила се зголеми за 18 отсто на годишно ниво во јануари 2025 година, бидејќи растот во Европа и САД ја надмина Кина за прв пат од февруари минатата година, објави истражувачката компанија Rho Motion.

Европскиот пазар на автомобили имаше интересен почеток на годината бидејќи целите за емисија на CO2 стапија на сила во Европската унија, додека кинеските новогодишни празници доведоа до 43 отсто пад на продажбата во земјата во споредба со претходниот месец, рече Чарлс Лестер, менаџер за податоци во Rho Motion.

Владите ширум светот спроведуваат различни политики за поттикнување на употребата на електрични возила, додека трговските тензии и забавувањето на побарувачката на пазарот на автомобили може да доведат до затворање на фабрики и губење на работни места за илјадници луѓе.

Кина ги продолжи субвенциите за размена на автомобили до 2025 година за да спречи забавување на продажбата на електрични возила, а истовремено да го заживее економскиот раст. Истиот месец, Европа започна нови консултации за целите за намалување на емисиите на CO2 со директорите на автомобилскиот сектор, синдикатите и интересните групи.

Глобалната продажба на целосно електрични возила и plug-in хибриди се зголеми за 17,7 отсто на годишно ниво на 1,3 милиони во јануари, трет последователен месец на забавување на растот.

Продажбата во Кина се зголеми за 11,8 отсто на годишно ниво на 700.000 возила во првиот месец од 2025 година. Европа објави продажба од 250.000 возила, што е за 21 отсто повеќе од истиот месец минатата година.

Меѓу главните европски пазари, Франција забележа пад на продажбата за 52 отсто поради воведувањето на данок на тежина на plug-in хибридите, објави Ројтерс, додека Германија забележа раст на продажбата за повеќе од 40 отсто, делумно поради ниските бројки во јануари 2024 година, кога нагло завршија субвенциите за електрични возила.

Во САД и Канада, продажбата на електрични возила се зголеми за 22,1 отсто на 130.000 во јануари. Во остатокот од светот, продажбата се зголеми за 50 проценти. На месечна основа, глобалната продажба падна за 35 отсто во јануари, поради падот од 43 отсто во Кина.